Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во трка за „Златна мечка“ на Берлински филмски фестивал

Avatar dija login | Januar 11, 2019


Македонија за првпат во историјата на македонската кинематографија ќе учествува во главната селекција на Берлинскиот филмски фестивал со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија” на Теона Стругар-Митевска. Ова е прво учество на Македонија во главна конкуренција на еден од трите најголеми фестивали во светот, Кан, Берлин или Венеција по повеќе од дваесет години.

Приказната на „Господ постои, името и’ е Петрунија” се случува во Штип, каде што секоја година во  јануари локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката, а стотици мажи со нуркање сакаат да дојдат први до него. Среќата и просперитетот се загарантирани на човекот кој ќе го фати прв. Петрунија неочекувано се фрла во водата од каприц и успева да го фати крстот пред другите. Нејзините конкуренти се бесни – како се осмелува жена да учествува во нивниот ритуал? Настанува општ хаос, но Петрунија опстојува на своето. Таа го освои својот крст и нема да се откаже.

„Конечно сме во официјална натпреварувачка програма на еден од трите најзначајни, навистина најзначајни, и навистина најпрестижни фестивали. Ова е добиено со многу труд и многу работа, голема посветеност и макотрпно градење  репутација на бескомпромисен, смел и особен уметнички израз и филмски јазик на Теона Стругар-Митевска. Јас сум убедена дека и претходните нејзини филмови заслужуваа ваков пласман, но едноставно ваков пробив не доаѓа брзо и едноставно. Со ова потенцирам дека стилот и јазикот што ги негува Теона се навистина специфични, можеби требаше време, повеќе од колку што ние би сакале, се разбира, но сепак, конечно е направен и тој пробив“, вели Лабина Митевска продуцент на филмот.

 

Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, вели дека оваа вест е продолжение на континуитетот на успесите од минатата година и уште една потврда дека со силни критериуми и јасна стратегија македонската кинематографија може да се одмерува со најдобрите во Европа и во светот.

„Агенцијата за филм со големо задоволство ја дочека веста за влезот на македонски филм во официјална конкуренција на еден од трите најважни филмски фестивали во светот. Овој извонреден успех е продолжување на континуитетот од годината што измина кога имавме извондредно достигнување на престижниот Sundance со краткометражниот игран филм ‘Види ја ти неа’ во режија на Горан Столевски, кој ја понесе и наградата за најдобар краткометражен филм. Како продолжување на успехот е и овогодишната селекција на македонскиот документарен филм ‘Медена земја’  во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, кој влезе во строгата селекција на овој престижен филмски фестивал посветен на авторскиот и независен филм. Секако, не помал е и успехот за веста дека наш актер, Благој Веселинов, се вброи и во програмата Shooting Stars на Берлин, во конкуренција на десет најдобри млади европски актери. По долгогодишната апстиненција и невидливост на македонската кинематографија во селекциите на големите филмски фестивали, со нашиот интензивен фокус преку практикување на силни критериуми за поддршка, во краток период успеавме да дочекаме македонскиот филм да се одмери со најдобрите. Иако, македонската кинематографија кога е во прашање квантитетот не заостануваше бидејќи во период од 9 години се финансирани над 300 филмови, погрешните стандарди, вонфилмски влијанија, за жал, не му донесоа ништо добро на македонскиот филм. Но, кога се следат цврстите и јасни мерила за поддршка на професионалните продуцентски куќи, што подразбираат издржани и креативни проекти што кореспондираат со универзалните теми, доволно храбри да бидат конкурентни со трендот и манирот на европската и светската кинематографија, успехот е евидентен. Иако за проектот ‘Господ постои, името ѝ е Петрунија’ постоеја негодувања и негативни мислења, сепак, Агенцијата го препозна квалитетот и во манир на вистинска професионална институција ја помогна брзата и ефикасна реализација на проектот. Ни претставува особено задоволство што успехот на истиот ја оправда нашата доверба.Се трудиме да работиме посветено, внимателно и со голема одговорност, без протежирање на ‘наши’ и ‘ваши’, без нарачани проекти кои ќе бидат поддржани со јавни средства. И покрај фактот што наследивме огромни обврски, Агенцијата се соочува со најмал буџет од нејзиното постоење. Се надеваме дека стратегијата да создадеме квалитетна кинематографија ќе биде препознаена во огромната конкуренција на европски и светски филм“, вели Тозија.

„Господ постои, името и’ е Петрунија” е комплексна копродуција меѓу пет земји, Македонија, Франција, Белгија Словенија и Хрватска. Филмот е поддржан од фондот „Еуроимаж“ и Медиа фондот за развој на проекти. Буџетот на филмот е 1.400.000 евра, а од Македонската Агенција за филм доби 30.000,000 денари.

Филмот е сниман  6 недели во Штип во јануари и февруари 2018. Поспродукцијата е работена во Белгија, Франција и Словенија. Косценарист на Митевска е Елма Татарагич, директор на фотографија е Белгијката Виргиние Саинт Мартине, а сценограф е Вук Митевски. Костимографијата е на  Моника Лорбер и шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажерка на филмот е Мари Хелен Дозо, а дизајнер на звукот Ингрид Симон. Кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија Јане Кортошев, директор на филм Елена Станишева.
Главната улога на Петрунија ја игра Зорица Нушева, а останати улоги ги играат Сименон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиц, Џевдет Јасари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Лабина Митевска, Игор Тодоров, Ненад Ангелкович, Владимир Тулиев.

ИЗВОР



Komentari

Trenutno Ova Stranica nije funkcionalna.

Ostavite odgovor


Gazi Husrev-beže ili: Bukagije

Gazi Husrev-beže ili: Bukagije